Единаесетгодишно момче од Јута е обвинето за поседување на оружје затоа што носело пиштол во училиште, со образложение дека е загрижено поради можноста од масакр како оној што се случи во училиштето во Конектикат, соопштил денеска портпаролот на училиштето.
Момчето носело пиштол од калибар 22 во основното училиште Западен Кернс во предградието Солт Лејк Сити и наводно им се заканувало на соучениците пред да биде пријавен.
“Тој тврди дека оружјето го донел за да се заштити себе си и своите пријатели од инцидент, како оној во Конектикат”, изјавил портпаролот на училиштето Бен Хорсли за агенцијата Франс прес.
Момчето го забележале другарите кои го известиле наставникот кој веднаш го одвел ученикот во канцеларијата на директорот. Пиштолот, прнајден во ранецот на детето, не бил наполнет, но тоа кај себе имало муниција.
Полицијата го привела момчето, кое ќе биде обвинето за поседување на оружје во училишно земјиште и напад, што произлегува од тужбата дека им се заканувал на тројца соученици.
Покрај кривичната пријава, момчето е суспендирано од училиштето.
Инцидентот се случува три дена после настанот кога 20-годишниот Адам Ланза влезе во училиште во Њутаун во Конектикат и уби 20 деца и шест возрасни, што е едно од најтешките злосторства во училиштата во историјата на САД.