Шетам по пусти патишта. Се насладувам на воздухот, на сонцето, на птиците и се радувам зошто нозете сами ме водат.
На едно место крај патот среќавам еден роб, кој спие.
Се приближувам и гледам, тој сонува.
И знам што сонува: робот сонува како е слободен.
Изразот на лицето му е спокоен и ведар. Се прашувам…
Дали да го разбудам и да му кажам, дека тоа е само сон,
За да не заборави дека сеуште е роб?
Или да го оставам да спие колку може и да се радува макар и на сон,
На таа заблуда?
– Кој е точниот одговор?…ме запраша гласот во мене.
– Нема точен одговор – продолжи тој – Секој сам треба да го најде својот одговор и тој не може да се најде надвор од тебе.
– Мислам дека јас ќе се укочам пред робот и ќе се чудам што да правам – одговорив јас.
– Приближи се до робот и погледни го, ми рече мојот внатрешен глас. Ако тоа сум јас, не чуди се повеќе:
– Разбуди ме!