Иако никогаш не се сретнале, Жером и Ален Марсел официјално биле венчани во 1993 година.
Оваа “геј“ венчавка би можела да се нарече претходница на хомосексуалните бракови во Франција, каде околу тоа во овој момент се води жестока дебата, доколку не беше резултат на административна грешка.
Во своја репортажа телевизијата “Франс 3“ наведува дека првиот геј брак во Франција е склучен уште 1993 година кога службеникот на општината Клермон-Феран, во централна Франција, случајно го склучил бракот меѓу Жером и Ален Марсел.
Во првите шест години, тие двајца не ни знаеле дека се во брак. Дури не се ни познавале. Дека повеќе не е ерген, туку во брак, и тоа хомосексуален, прв дознал Жером кога во 1996 година дошол во општината за да извади извод од матична книга на родени.
“На документот пишуваше дека сум венчан сопруг на некој извесен господин. Побарав да се поништи непостоечкиот брак, брак на двајца мажи кој не е легален во Франција“, раскажал Жером.
Проблемот е во тоа што не може да се поништи нешто што не постои. Жером добил потврда дека бракот му е поништен, но во реалноста грешката е исправена само во книгата на родените.