Каква љубов давате и каква примате?

31 декември, 20130
3

Пред околу четири децении, во 1973-та година професорот по социологија Џон Алан Лиј ја поставува љубовта во 6 рамки…деталите ќе ги најдете во книгата Colors of Love.

Agape – таа е прва во списокот, најсилна, чиста, света, невина љубов, насочена кон другиот, секогаш трпелива, љубов што простува, љубов нежна, онаа што ги поставува желбите и потребите на другиот на преден план. Љубов што се случува само еднаш во животот, зошто таа не знае за крај. Штом те најде останува засекогаш со тебе.Таа е вистинската љубов кон која сите се стремиме, љубовта што очекуваме да ни се случи, а наместо неа добиваме една од нејзините варииации што ќе ги разглед аме подолу:

Eros – романтична, страсна, сексуална љубов. Џон Алан ја нарекува уште отворена и искрена. Таа е втора по интензитет. Ерос не е чувство, туку вистинска стихија, која те обзема сосема и те лишува од возможноста рационално да размислуваш, љубов посесивна од која се раѓа и љубомората. Љубов што се родила од нагонот и страста и ќе умре кога страста ќе си најде нов објект. Страста не трае долго, се додека не налета некој што повеќе те возбудува…

Storge – пријателска љубов, трета во списокот на Џон Лиј. Љубов што се темели врз здрава основа, смирена љубов помеѓу пријатели, тука се е јасно, убаво и мирно. Се се прави заедно и често тоа води до долготрајно партнерство. Но овде нема страст, нема пеперутки во стомакот, нема неспани ноќи, нема солзи и љубовна екстаза.

Mania – лубов што опседнува, љубов што тежнее да поседува, љубов што се граничи со болест. Посесивна љубов, која се темели на зависност, а не чисти емоции, четврта во списокот по „квалитет”, љубов што секогаш живее во страв и се прашува: „Ме сака или не ме сака?, Каде е сега?, Зошто не ми се јави? И такви слични мисли што го оптеретуваат умот, па затоа нема ни наслада од оваа така наречена форма на љубов. Маниа е синоним на љубомора и страв. И многу често среќавана.

Ludus – љубов каде нема обврски, она чувство кога не си ангажиран со ништо, љубов дистанцирана, нејасна и петта по ред. Оваа љубов нема длабоки чувства ниту посветеност еден на друг, ниту пак грижа и тревога за другиот. Денес си со мене, утре со друг, следниот ден повторно сме заедно, но нема солзи, нема кавги ни критики, нема взаимни ветувања, а лагата е дел од играта. Понекогаш се случува Лудус да биде само предигра и да премине во Ерос но не е правило.

Pragma – практична и логична љубов, среќаваш некој, чувствуваш некакво привлекување и тука започнува анализа на база слични ставови, вредности, општи интереси и сл. Се бара стабилност и сигурност. Договор каде двете страни имаат взаимна полза, каде на сексот се гледа како на неопходност за репродукција.

Каква е твојата љубов? И уште поважно каква љубов примаш од другите? Ако ја немате Агапе се друго е само нешто што личи на љубов, но далеку од нејзината вистинска суштина. Но за жал луѓето толку навикнале со другите форми на љубов, што за нив Агапе е илузија, нешто нереално, далечно и имагинарно. Се задоволуваме со трошките на вистинската љубов, трошиме време, емоции, се губиме себе си, лутајќи низ сите форми на љубов…потсвесно надевајќи се дека еден ден ќе ја најдеме и неа, вистинската, единствената…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *