Најмладата пратеничка во светот е Уганѓанка. Таа има 20 години, а во последните четири месеци е во Парламентот на Уганда на местото на нејзиниот починат татко, пишува весникот „Индипендент“.
До пред неколку месеци главната занимација на Просковија Оромаит беше да ги учи лекциите и да ги гледа на телевизија нејзините најпосакувани серијали за вампири. Девојката денес се обидува да изгради кариера на паретник, студирајќи комуникации.
Првичните планови на Просковија биле да го заврши високото образование, а дури потоа да почне да работи, меѓутоа тие многу брзо се смениле во јули минатата година кога нејзиниот татко, пратеникот Мајкл Оромаит, ненадејно починал. Тогаш таа се впуштила во трката за ослободеното пратеничко место и победила на гласањето во септември.
Таа сега го претставува округот Узук во парламентот, а кандидирана е од владејачката партија на претседателот Јовери Мусевени, Движење за национален отпор.
Возраста на Просковија, како и фактот дека е жена, засега и создаваат проблеми како пратеник. Многумина ја обвинуваат дека нема доволно политичко искуство. Претседателот на Уганда има 68 години, а неколку министри во кабинетот се на 70-годишна возраст. Просечната возраст на Владата на Уганда е 62 години. Сето ова покажува дека пратениците треба задолжително да се повозрасни. Но изборот на Просковија ја одразува реалноста во Уганда, каде 78 отсто од населението се луѓе на возраст под 30 години.
Во угандискиот законодавен дом има вкупно 385 пратеници, од кои 134 се жени. Голем број од пратеничките се жалат дека биле сексуално малтретирани од нивните колеги. Просковија веќе неколку пати добивала понуди за секс од петмина многу повозрасни пратеници од неа, кои ги одбила.
Засега младата пратеничка не се вознемирува ниту од критиките поради нејзината возраст, ниту од малтретирањето на колегите. Таа вели дека во Парламентот дури се чувствува како на училиште. Таму имало луѓе, кои како и некои ученици се обидувале да ја заплашат, а други пак да и станат пријатели.