Стратегијата на Балканот на претседателот на Русија, Владимир Путин, ја алармирала владата во Берлин, пишува германскиот политички неделник Spiegel во денешниот број, наведувајќи дека владата на канцеларката Ангела Меркел е алармирана поради “агресивната, антизападна политика” на Балканот.
“Владата во Москва се обидува тесно да ја “врзе” Србија преку воена соработка и испорака на гас”, пишува во еден доверлив документ за влијанието на Русија на Балканот, пишува овој весник.
“Гас за Србија, притисок на Босна и Херцеговина”, владата во Берлин е загрижена поради руската политичка моќ на Балканот. Претседателот Путин очигледно се обидува да ги оддалечи овие земји од Европската Унија”, пишува Spiegel, повикувајќи се на доверлив документ од германското министерство за надворешни работи.
“Целта на Путин е да ги стави под притисок Балканските држави, за тие да се дистанцираат од членство во ЕУ или како членови, проруски да влијаат на одлуките на Унијата”, рекол политичарот за европски прашања во Христијанско-демократската Унија, Елмар Брок, пренесува весникот.
Русија делува слично и во Босна и Херцеговина, смета власта во Берлин, пишува Spiegel.
“Се стекнува впечаток дека Русија преку Србија се обидува да добие влијание во цела Босна и Херцеговина”, рекол министерот за земјоделство Кристијан Шмит, кој неодамна бил во посета на Белград. Тоа, според зборовите на Шмит, го отежнува патот на Србија кон ЕУ, пишува весникот и пренесува дека германскиот министер за надворешни работи, Михаел Рот, изјавил дека Берлин ќе мора од почеток да им објаснува на Балканските држави дека во нивен интерес е да пристапат кон ЕУ.