Идејата на Кина да изгради тематски парк во кој се наоѓа реплика на Титаник во која посетителите ќе можат да го доживеат искуството со несреќното потонување, кое се случи во 1912 година при што загинаа повеќе од 1.500 луѓе, наиде на различни коментари во јавноста.
Директорот на компанијата Seven Star Energy Investment Group, задолжена за проектот, демантира дека оваа атракција ќе биде нечувствителна во однос на споменот за загинатите во оваа катастрофа, пишува Mirror. Кинеската верзија на бродот ќе чини 165 милиони долари, а паркот ќе биде отворен во 2016 година.
„Мислиме дека треба да се шири духот на Титаник, универзалната љубов и чувството на одговорност што се ширело за време на потонувањето на Титаник, а претставува духовно богатство на човечката цивилизација”, изјави директорот Су Шаоџун пред новинарите.
Посетителите на овој проект ќе можат да искусат како изгледа чувството да се присуствува на брод што тоне. Кога бродот ќе го погоди глечерот, тој ќе се затресе, а со помош на звучни и светлосни сигнали луѓето ќе го преживеат навлегувањето на водата.
„Посетителите ќе мислат дека ќе се удават и ќе мораат да бегаат за да се спасат”, вели Шаоџун.
Во конструкцијата на тематскиот парк, што ќе биде изграден 1.500 километри од најблиското море во покраината Сечуан, ќе има рачно направена плажа, 6D киносала, реплики на црквите во Венеција и замоците низ Европа.