Што сè не треба да објавувате на социјалните мрежи?

popara21 февруари, 20141min00
25

Погрдни зборови
Социјалните мрежи нудат слобода на изразувањето и луѓето честопати ги користат за да го кажат своето мислење. Колку и да ви сметаат нечии ставови и коментари, не дозволувајте да им одговорите со погрдни зборови. Навредливите коментари само ќе покажат колку сте нетолерантни кон туѓото мислење. Да започнете расправија на социјалните мрежи е навистина смешно. Едноставно воздржете се и игнорирајте ги статусите и коментарите кои ве предизвикуваат да кажете нешто навредливо.

Политика и религија
Држете се до вашата политичка и верска определба, но никако не ги користете социјалните мрежи за да ги искажете вашите ставови и определби. Кој уште сака да разговара за политика, кога има толку интересни и убави теми за разговор? И најпосле, кому му е грижа за вашата политичка определба? Политиката оставете им ја на политичарите. Кога тие не можат да најдат решение за проблемите, на вас ли останува да бистрите политика? Што се однесува до религијата, почитувајте ја религиската определба на другите и никогаш, никогаш не дозволувајте да навредите нечија религија.

Колку испив синоќа
Можеби на многумина им е интересно, но мене навистина ми се здодевни споделените фотографии од синоќешната забава и статусите во стилот на: Имам мамурлак, испивме цела гајба пиво… Голема работа! Секој може да се напие и да има мамурлак, па ваквите нешта не заслужуваат ни да се паметат, а не пак да се споделат со цел свет.

Вашата работа, шефот и компанијата
Социјалните мрежи не се место каде треба да зборувате за вашата работа. Коментарите за тоа колку не си ја сакате работата, колку ви е напорно и слично, навистина изгледаат смешно, земајќи го предвид фактот што многумина се молат да најдат било каква работа.

Претерано разголени фотографии
Ова е нешто што никако не можам да го разберам. Недолични фотографии, нападна облека и еден тон шминка, безобразни статуси… Сте размислиле што кажуваат ваквите нешта за вас?

Одам на одмор
Воопшто не е безбедно да објавите дека наредните 10 дена вашиот стан ќе биде празен. Стрпете се и ставете фотографии од одморот дури кога ќе се вратите дома. Колку помалку луѓе знаат дека сте на одмор, толку подобро и побезбедно за вас.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *