Имав 20 години, кога го најдов мојот мал волк. Беше мал, осамен и незаштитен, па го земав со себе без размислување. Само после неколку дена го засакав. Секаде го носев со себе, делев со него се што имав. И малиот волк почна да напредува.
Но селаните ме прекоруваа велејќи дека тоа е волк и дека би требало да го убијам, бидејќи еден ден ќе ми предизвика големо зло. Како можев да ги послушам, кога така ми се пикна под кожа?
Беше тоа паметен волк кој ми помагаше да ги чувам овците.
Едно прекрасно летно попладне овците пасеа, а мене ме имаше совладано дремка. Некакви необични звуци ми го нарушија сонот. Излегов да видам што се случува.
Мојот волк седеше пред колибата. Муцката му беше крвава. Се изгледаше така нереално. Веднаш ми стана јасно за што станува збор…
Влегов смирено и ладно во колибата, ја извадив пушката од ѕидот и повторно излегов.
Ја подигнав ладно пушката, нишанев точно во неговата глава. Главата на мојот волк. Тој не се помрдна од местото. Како да чувствуваше вина што ја изневери мојата доверба, што во него ја вложив. Куршумот летна, се заврши брзо… Мојот волк падна безживотен на прагот на колибата.
Отидов во селото по помош. Малку ми беше срам зошто порано не ги послушав пријателите. Сонцето заоѓаше кога почнавме да ги товариме закланите овци во количката.
Дали можете да замислите, колку огромен беше шокот што го доживеав, кога меѓу овците ги здогледав мртвите тела на три волци и една волчица???
Срцето ми се стегна, очите ми беа полни солзи. Го убив мојот најдобар пријател. Се посомневав во ѕвездите на небото…
Од тогаш поминаа 60 години, а јас таа слика никако да ја заборавам. Од тогаш се повлеков во себе. Ми стана јасно, дека во мојата душа, повеќе нема место за осуда на било кој…
Цената беше превисока, а никој не ме праша дали сакам да го купам тоа искуство…