Глуварчето, копривата, руколата, анасонот, ’рдоквата и дивиот лук се преполни со витамини и минерали, а достапни токму во овој период од годината…
Глуварче
Листовите на глуварчето се богати со калиум и се препорачуваат за лица со висок крвен притисок, како и за оние кои страдаат од чести инфекции на уринарниот тракт. Од оваа билка освен сок и чај, се подготвува и вкусна салата.
Салата од млади листови
Листовите на младо глуварче треба да се измијат и посолат, да се зачинат со вински или јаболков оцет, сончогледово и масло од тиква, па да се разредат со малку вода. Многу е важно листовите на глуварчето да бидат свежи и набрани пред билката да процвета, зашто во спротивно ќе бидат горчливи. На салатата може да и’ се додаде варен компири или пржен сусам.
Див лук
Младите листови на дивиот лук изобилуваат со витамин Ц, а се собираат во април и мај. Оваа билка го спречува развојот на атеросклероза и се препорачува во случај на проблеми со срцето и висок крвен притисок, но, исто така, ја стимулира и функцијата на желудникот и цревата. Треба да се користи свежа, зашто исушените листови ги губат своите лековити својства. Идеален е за салати, супи, чорби или како прилог на други јадења.
Свежа салата од див лук
Се мешаат 300 г свежи листови од див лук, едно младо лукче, малку маслиново масло и една младо кравјо сирење. Пред подготвувањето, дивиот лук треба да отстои неколку часа во вода за да омекне.
Коприва
Оваа билка содржи голема количина на витамин Ц и Б2, каротин, железо, калциум и фосфор, но и покрај тоа што е достапна преку целата година, најдобро е да се користат младите врвчиња кои се берат напролет. Копривата го подобрува мокрењето, но се препорачува и за анемични лица и оние кои страдаат од ревма. Освен што е лековита, од младата коприва може да се подготват и вкусни чорби, салати и варива.
Чорба од коприви
Околу 200 г млади коприви се потопуваат во солена вода и нежно се пасираат (водата се менува 2-3 пати). Се пропржува на путер 50 г ситно сечкан млад кромид, се додава 2-3 чешниња истолчен лук, црвен пипер, се прелева со 2 литри вода и се додава една чаша ориз. Кога оризот е полуварен, се додава исечканата коприва, а потоа се зачинува по желба (сол, црн пипер и сушен зеленчук). Се вари уште десет минути, се посипува со магдонос и по желба се додава павлака.
За зајакнување на телото
Чаша млади коприви ситно исечкајте ги, полејте со јаболков оцет и добро испасирајте со рака. Додадете чаша ситно сечкан див лук, лажичка рен и две супени лажици маслиново масло (нерафинирано). На крајот, по желба може да се додаде и зелена салата (исечкана). Салатата се јаде свежа.
Рукола
Руколата е ароматичен лековит зеленчук богат со витамин Ц, железо, влакна и други корисни материи. Има малку горчлив вкус, особено ако е малку постара, па затоа е подобро да се користат младите листови од неа. Руколата е корисна против настинка и кашлица, го регулира варењето на храната и го освежува организмот, а од неа најмногу се подготвуваат салати.
Салата од рукола и анасон
Два тврдо сварени јајца, излупете ги и исечете на тркалца. Приближно 300 г анасон исечете на парчиња и варете околу 10 минути во 250 мл супа (коцка), а потоа процедете. Исечкајте го срцето од зелена салата, додадете околу 130 г рукола и 100 г краставици и сето тоа добро измешајте го (заедно со анасонот и јајцата). Направете прелив од три лажици сок од лимон, 2 лажици сечкани свежо нане, 1 лажица мед, 180 г јогурт, сол и црн пипер. Салатата декорирајте ја со црни маслинки.
’Рдокви
’Рдоквата е богата со калиум, витамин Ц, фолна киселина и диетални влакна, позитивно влијае на излачувањето на слуз од респираторниот тракт, и се препорачува за луѓе кои страдаат од бронхитис, настинки, грип. Овој корен најчесто се употребува за подготовка на благи и солени салати, декорација на различни јадења, а листовите најчесто се додаваат на супи и чорби.
Супа од лисја од ’рдоква и компири
Добро измијте ги лисјата од две везички ’рдокви и отстранете им ги дршките. Во тавче загрејте лажица путер, додадете ги влажните ливчиња ’рдоква и пропржете ги околу три минути, мешајќи цело време. Излупете и исечкајте три компири и варете ги во вода во која е додадена коцка за супа. Оладените компири и листови од ’рдоква измиксајте ги така што ќе добиете пире, па додадете малку супа во која се вареле компирите за да се добие густа крем-супа. На крајот додадете сол и црн пипер по желба, ставете кисела павлака и посолете со сечкан магдонос.
Анасон
Коренот од анасон е одличен извор на калиум и витамин Ц, а содржи и манган. Се препорачува во случај на проблеми со варењето на храната, го олеснува воспалението, го намалува крвниот притисок, го зајакнува имунолошкиот систем. За подготовка на јадења се користат сите делови на растението (корен, стебло, листови), а исто така може да се консумира и свеж.
Супа
Ситно исечкајте две главици кромид и пропржете ги на врело масло. Кога кромидот ќе стане слаткаст, додадете две главици анасон исечкан на тркалца, па динстајте околу пет минути. Прелејте со еден литар процедена супа од зеленчук и варете на тивок оган околу дваесет минути. Кога анасонот ќе омекне, извадете го, испасирајте и вратете го во супата. Пред крајот додадете четири лажици ситно сечкани листови од анасон, варете уште пет минути и посипете со магдонос.
Витаминска салата
Излупете и изрендајте 250 г моркови, а коренот на анасон, околу 250 г, исечете го на ленти. Белиот дел од праз (150 г), исто така, се сече на мали ленти. Направете сос од 4 лажици маслиново масло, 2 лажици сок од лимон, исечкано едно чешне лук, малку сол и лажица ситно сечкан магдонос. Салатата се меша, се декорира со листови цикорија и се посипува со свежо мелена горчица.