Европскиот шампионат во 2020 година кога УЕФА одбележува 60 години од првото Европско првенство ќе го организираат 13 градови од стариот континент. Нашиот главен град, Скопје и Националната арена „Филип Втори“ е еден од потенцијалните домаќини на натпревари од групната фаза за ЕП 2020.
Одлуката на Европската фудбалска асоцијација кои 13 градови и стадиони ќе бидат домаќини на ЕП 2020 ќе биде објавена во септември во Истанбул. Во периодот од мај до август годинава можно е УЕФА да ги посети градовите кандидати за да утврди каква е моменталната ситуација во градовите кандидати и кои се плановите за инфраструктурно подобрување.
Фудбалската федерација на Македонија изразува благодарност до Владата на Р.Македонија, град Скопје, надлежните министерства и институции, Националната арена „Филип Втори“ кои дадоа целосна поддршка за проектот – Скопје, град кандидат за ЕУРО 2020.