
- „Не сум толку примерен ученик”, Ретки се децата кои од своите родители не сокриле барем една оценка или барем еден инцидент во текот на училишните денови. Затоа, реално е да сметате дека вашиот тинејџер не е совршениот ученик. Ако во прашање се неколку пониски оценки, тогаш немате никакви проблеми. Но, од време на време заинтересирајте се малку повеќе за неговиот успех, за да не се случи да останете шокирани кога ќе дознаете дека всушност не се работи само за неколку лоши оценки.
- „Сакам поголема приватност”, Тинејџерите сакаат да поминуваат голем дел од своето време сами, барем кога се дома. Кога тој ќе се затвори во својата соба, не му влегувајте без да тропнете, не му досадувајте со зборовите „цел ден си внатре, излези малку да те видиме”. Оставете го да ужива во својата приватност. Никогаш не ги допирајте неговите лични работи, оние кои ги чува во своето биро или во својот плакар. Освен ако не се сомневате дека може да крие нешто многу сериозно, никогаш не треба да пребарувате низ неговите фиоки или неговиот ранец, затоа што ако дознае дека го правите тоа, сигурно ќе започне војна.
- „Љубопитен сум за некои работи поврзани со спротивниот пол и сакам да знам нешто повеќе за сексот, но тешко ми е да разговарам за мојот љубовен живот со тебе”, Кога хормоните на вашиот тинејџер ќе започнат да вријат, тој сигурно ќе се интересира сè повеќе за сексот. Во таквите моменти, започнете да иницирате разговори за да го едуцирате, но не го принудувајте да ви открива информации за неговиот љубовен живот. Информирајте го за сексуално преносливите болести и за заштитата, но не очекувајте да ви каже дали планира да ја изгуби својата невиност. Можете и да користите туѓи искуства за да го советувате. На пример, „кога мојата другарка од детството одеше со Х, ѝ се случи…”.
- „Понекогаш лажам само и само да не ги слушам твоите лекции”, „Чии се цигарите во твојата чанта?”, „Пиеше ли вечерва?”, „Кога се врати вчера?”. Голема е веројатноста дека на сите овие прашања ќе добиете лажен одговор. Зошто? Затоа што вашиот тинејџер не сака уште еднаш да слуша колку се штетни цигарите, колку е лошо да пие на таа возраст или колку нема почит кон вашите правила за вечерното излегување.
- „Мразам кога моите години ги употребуваш во своја корист”, Многу родители ги користат годините на детето во своја корист. Еден ден употребуваат реченици како „веќе имаш 16 години, престани да се однесуваш како дете, сега си возрасен”, а наредниот ден „имаш само 16 години, не си доволно зрел да го правиш тоа”. Таквите изјави создаваат фрустрации кај вашиот тинејџер.
- „Покрај строгите зборови, сакам да слушнам и пофалби кога ќе направам нешто правилно”, Тинејџерите имаат ниска самодоверба и најмногу од сите имаат потреба да слушнат комплимент или пофалба. Затоа, не бидете само строг родител кој секогаш има подготвено нова лекција. Бидете родител кој знае да го пофали своето дете, а не само да го критикува. Тинејџерите можат да ги прифатат вашите критики и строги зборови, но само доколку освен нив знаете да делите и пофалби и прегратки.