
Бричењето на нозете и не е нешто комплицирано, но следниве совети ќе ви помогнат да извлечете максимален ефект и да ги избегнете непријатните исеченици и иритации по кожата:
- Секогаш користете пена или гел за бричење. Производите за бричење придонесуваат сечилото да се движи лесно и без пречки, го намалуваат ризикот од исеченици и иритација, а освен тоа и ја хидратираат кожата. Кажете му не на бричењето на суво ако не сакате црвенило. Многу експерти препорачуваат за подобри резултати и жените да користат четка за нанесување на пената за бричење. Откако ќе се премачкате со пена или гел, оставете влакната да омекнат неколку минути пред да започнете со бричење.
- Ако немате пена или гел за бричење, искористете регенератор за коса. Регенераторот за коса е одлична замена за пената за бричење. Нанесете врз нозете и оставете го барем 5 минути за да ги омекне влакната.
- Пред да го ставите бричот на ногата, осигурете се дека кожата не ви наежена. Наежената кожа е најчестата причина за појава на црвенило и мали „рецки”. Кога кожата е наежена, фоликулите на влакната се издигнуваат нагоре, па вие со жилетот поминувате премногу блиску и отсекувате мали делчиња од кожата. За да го избегнете тоа, туширајте се со топла вода. А ако забележите дека кожата ви се наежила, почекајте додека не ви одмине.
- Бричете се во спротивна насока од насоката на растење на влакната. За да добиете супер мазна кожа, движете го бричот од глуждовите нагоре кон колената. Сепак, ако имате чувствителна кожа, препорачливо е да се придржувате кон правилото кое вели да се бричите во истата насока во која растат влакната.
- Движете го бричот лесно, без да притискате. Ако има потреба да притискате врз кожата, тоа значи дека жилетот не е доволно остар.
- Не поминувајте двапати на едно исто место. Бричот треба да е доволно остар за со едно поминување да ги отстранува сите или скоро сите влакна. Ако некое влакненце успее да се спаси, подоцна средете го со пинцета, но не поминувајте повторно со бричот. Така ќе го избегнете црвенилото.
- Често мијте го бричот. Многу луѓе забораваат да го мијат бричот. Бричете се со долги потези кои ќе започнуваат од глуждовите, а ќе завршуваат кај колената. По секој потег мијте го бричот за да ги отстраните избричените влакна. Доколку не го миете бричот, влакната и мртвата кожа која се насобира на сечилото ем ќе ви попречи да се избричете целосно, ем може да ви ја воспали кожата.
- Бидете бавни и трпеливи. Да, ние жените секогаш брзаме, но ако планирате да се бричите, подобро е бидете бавни и да задоцните 2-3 минути, отколку да излезете со исеченици или црвени линии.