Диета со која можете да добиете „плочки“ на стомакот?

11 декември, 20150
2222222 copy

Диета со која можете да добиете „плочки“ на стомакот? Да, постои и истовремено го намалува ризикот од кардиоваскуларни и други болести кои се јавуваат како резултат на зголемените килограми во пределот на стомакот. 

Зачетник на оваа диета – АБС диетата е уредникот на Men’s Health, Дејвид Зинкзенко, кој тврди дека неговата диета ја открива формулата за тоа како да имате поцврсти мускули на стомакот и тоа за само 6 недели. Диетата е фокусирана повеќе на здравствените придобивки отколку на изгледот, комбинира исхрана и вежби и вели дека овозможува губење до шест килограми во првите две седмици од планот, а потоа во наредните две недели би требало да изгубите од 3 – 4 килограми.

Што треба да јадете?

АБС диетата се темели на шест основни правила:

  • внесување шест оброци дневно
  • редовно консумирање на смути
  • свесност за тоа што пиете
  • фокусирање на 12-те т.н. „моќни“ продукти
  • внесување на само еден оброк по желба неделно
  • не броење на калории.

Шесте оброци дневно подразбираат три главни и три меѓу оброци кои се менуваат меѓусебно, со придржување до правилото секој оброк да содржи најмалку две, а секој меѓуоброк најмалку една од 12-те „моќни“ продукти. Моќните продукти се стожери на планот на исхрана, бидејќи се работи за продукти со висока нутритивна вредност кои изобилуваат со протеини, здрави масти и калциум. Изборот на продуктите зависи од желбата, а изборот од 12 е доволно голем за сечиј вкус.

12 „моќни“ продукти вклучуваат:

  • Јаткасти плодови
  • Зелен зеленчук
  • Млеко и други млечни производи со намалена масленост
  • Овесна каша
  • Јајца
  • Бело месо од живина и риба
  • Путер од кикирики
  • Маслиново масло
  • Житарки со цело зрно и интегрален вкус
  • Протеин од сурутка
  • Зрнесто овошје

Знаејќи колку броењето на калории знае да биде фрустрирачко, авторот на оваа диета ги поедноставува нештата заменувајќи го броењето калории со правилна контрола на порциите, така што ниту еден оброк не смее да биде поголем од мала чинија.

Иако оваа диета бара целосно елиминирање на рафинираните шеќери од исхраната, како и на заситените масти, сепак еднаш во неделата смеете да јадете што сакате, а се препорачува тоа да биде она за што најмногу копнеете.

Уште една препорака е оброците и меѓуоброците редовно да се заменуваат со смути направено од млеко со намалена масленост или јогурт, протеинска сурутка, овошје и путер од кикирики.

Се советува во текот на денот да се внесуваат 8 чаши вода, со цел да се исфрлат токсините од телото и да се потисне гладот. Освен вода, дозволено е да се пие млеко со ниска масленост и зелен чај. Газираните сокови и алкохолот треба целосно да се исфрлат.

Вежбањето е особено важен дел од АБС диетата, иако во првите две недели од програмата не е нужно, бидејќи фокусот е ставен на исхраната. Кога вежбањето ќе започне распоредот е строг, и вклучува тренинзи три пати во неделата од кои два пати фокусот е ставен на стомачните вежби. Во останатите денови авторот препорачува аеробни активности, како одење и лесни вежби.

Во однос на вежбањето се препорачува растојание од најмалку 48 часа меѓу вежбите на справи, загревање 5 минути пред вежбањето и еден ден одмор. За постигнување максимални резултати се препорачува да се менува рутината на вежбање барем еднаш во месец дена, така што телото нема да се адаптира на одредени вежби, што може да резултира со забавен развој на мускулите.

По завршувањето на програмата од шест недели, нема јасни инструкции за тоа како да се продолжи понатака, но се препорачува уште да се придржувате кон правилата за да ја одржите формата и килограмите, со таа разлика што можете наместо еден оброк, еден ден да јадете што сакате и можете да намалите со интензитетот на вежбите.

Предности

Се работи за диета која го поттикнува внесувањето на продукти кои се добри за срцето, како на пример житарки со цело зрно, овошје и зеленчук, како и продукти сиромашни со заситени масти. Оваа исхрана може да биде поволна за намалување на ризикот од срцеви заболувања.

Диетата е едноставна и не бара броење калории, а честите мали оброци даваат чувство на ситост со што се олеснува придржувањето на диетата. Воедно се става акцент на вежбањето, без кое не може квалитетно да ги намалите килограмите.

Недостатоци

Како замерка за оваа диета се дава тоа што диетата ветува дека со нејзе се намалуваат масните наслаги во пределот на стомакот, бидејќи невозможно е да се изгубат килограми само во одреден дел од телото.

Сепак, вежбите можат да направат многу.

Напомена

Со оглед на тоа што програмата вклучува ригорозни вежби, лицата со срцеви болести треба да се советуваат со својот лекар пред почнат со програмата.

Предлог за дневно мени

  • Појадок: Смути – во блендер измешајте јогурт со ниска масленост, банана, сок од портокал и протеинска сурутка
  • Ужина: Бадеми, мандарини
  • Ручек: Риба на скара, спанаќ со маслиново масло
  • Ужина: Крекери од интегрално брашно, хумус
  • Вечера: Варено пилешко месо со зеленчук
  • Ужина: Портокал

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *