Додека на Балканот се војува за секоја педа земја, Норвежаните размислуваат за тоа да за годишнината на своите комшии Финци им подарат – планина.
Кампањата која на социјалните мрежи ја покрена Бјорн Геир Харсон, пензиониран работник во Норвешката агенција за мапи, смета дека таа земја би требало да ја помести својата источна граница 20 метри кон запад, за врвот на планината Халти стане дел од Финска.
Предавањето на територијата би било подарок во чест на стогодишнината од финската независност 2017 година.
– Тоа би било едвај забележливо, а Финците навистина би го ценеле, вели Харсон.
Халти е висок само 1.365 метри што значи дека не е ниту во 200-те највисоки врвови во Норвешка.
Меѓутоа, Финска воопшто нема свои врвови на планини, па и најмалите падини на Халти би станале највисока точна на таа земја.