Ако баш се подготвувавте да заштедите некој милион и да купите Bugatti Veyron, имаме лоши вести за вас. Цената на овој ѕвер од автомобил со 1000 КС не е ништо во однос на износот кој ќе мора да го издвоите за одржување на Bugatti Veyron.
Цената на Bugatti Veyron Super Sport во САД изнесува околу 3,2 милиони долари. Но, потоа следува плаќањето на данок во висина од 320 илјади долари, а годишното одржување на овој „ѕвер“ ќе ве чини 21 илјади долари, доволно за да си купите половен БМВ М3. Сервисот опфаќа замена на сите течности, но и генерална „контрола“ на автомобилот.
„Најпроблематични“ се гумите кои после 4 илјади километри ќе мора да ги промените, а четири нови гуми чинат 33 илјади долари. Најлошата вест допрва доаѓа, затоа што покрај гумите, на секои 16 илјади поминати километри ќе мора да ги промените и бандажите кои исто така ќе ве „олеснат“ за „само“ 50 илјади долари.
Поради ова, од Bugatti нудат програма, која овозможува при купувањето на автомобил, да доплатите 50 илјади долари и да обезбедите сервис за следните три години. Ако сакате да го осигурате овој автомобил, размислете повторно. Просечното осигурување на Bugatti Veyron во САД изнесува околу 3,800 долари месечно.