Високопротеинските диети се едни од најпопуларните. Меѓутоа, најприменуваните високопротеински диети се оние кои се состојат само од храна која содржи протеини и масти. Такви се диетите само од месо, младо сирење, јогурт и сл. Овие диети, за разлика од другите неизбалансирани диети, за кусо време даваат одлични резултати, особено затоа што одлично го „покриваат„ чувството на глад кое е многу присутно кај нискокалоричните диети и кај вегетаријанските диети. Луѓето кои се обидуваат да ослабат јадејќи со недели само варено месо, во организмот внесуваат високо количество протеини, нешто помало количество масти, но затоа внесот на влакнести материи, како и внесот на многу витамини и минерали кои ги има во свежата храна, како што се зеленчукот и овошјето ги нема доволно.
Освен тоа, овие диети, како и сите други кои се состојат „само од„ ова или она,многу брзо досадуваат – тажно е да планирате до крајот на животот или барем со години да јадете само варено месо. Но, зошто високопротеинските диети даваат толку добри резултати и зошто тие резултати за кусо време ги снемува? Тоа е затоа што високопротеинските диети се дехидрирачки, т.е. организмот рапидно ја исфрла водата. Ако земеме предвид дека водата е неопходна за непречено функционирање на организмот, тогаш исфрлањето на водата ја нарушува хомеостазата (балансот) на метаболизмот и може да дојде до појава на вртоглавици, намалена координација, топлотен удар ако температурите надвор се превисоки и сл. Во екстремни случаи, ако се загуби висок процент од телесните течности, може да дојде и до смрт.
Неизбалансираните високопротеински диети се популарни меѓу жените кои сакаат да ослабат набрзина без многу да се мачат со справувањето со гладта. Тие се многу популарни и меѓу мажите кои сакаат да направат поголема мускулна маса, особено меѓу боди-билдерите. Тие најчесто се мачат со предрасудата дека колкушто повеќе протеини ќе внесат, толку поглеми мускули ќе имаат. Но, ова следство е само дел од процесот низ кој е потребно да минат за да внесените протини се претворат во мускулно ткиво. За тоа, се разбира, потребни се редовни и систематски тренинзи, но и доволно јагленохидрати и масти за оптимално функционирање на метаболизмот.
На крајот и погрешните сфаќања околу внесот на таканаречени суплементи или додатоци во исхрана како што се аминокиселините и протеините во прав. Аминокиселните се составни делови на протеините, па тие, како и протеините можат да се внесат дополнително. Но, ниту едните, ниту другите не можат во потполност да ја заменат избалансираната исхрана и редовната физичка активност за да се постигнат добри естетски резултати и за да се зачува здравјето. Затоа, внесувајте ги протеините преку рибите, белото пилешко и мисиркино месо, телешкото и овчото месо (содржи многу карнитин, супстанција која помага во топењето на мастите), белките од јајца, младото сирење… но и протеините од растително потекло како оние од гравот, грашкот, оризот и др. Диетите составени само од протеини од животинско потекло не се добри за здравјето, а резултатите од нив се краткорочни.