Смартфоните се скапи и доста ранливи од околниот свет. Лесно се гребат, повеќето не сакаат вода, и се расипуваат лесно. Решението обично е употребата на т.н. скрин протектор и маска.
Тие го штитат телефонот, но, од една страна, се дополнителен финансиски тест за новчаникот, а од друга – се далеку од најубави.
Компанијата Puracoat создала посебен спреј, за кој тврди дека може да ги реши сите овие проблеми. Puracoat се потпира на нанотехнологијата, кои ја прават обвивката цврста речиси колку скапоцен камен. Истовремено таа е електризирана, па не ја попречува работата на екранот на допир.
Едно прскање со спрејот по целиот корпус на смартфонот ќе го направи водоотпорен (на проточна вода, но не и при потопување), отпорен на гребнатини и прашина. При тоа има и антибактериска покриеност и штити од оставање на мрсни отпечатоци на уредот, коментираат од компанијата. Оригиналната технологија е развиена за заштита на стаклата на прозорците на облакодери.
Компанијата дури планира по некое време да изгради партнерства со производителите на паметни телефони кои ќе ја употребат технологијата директно во стаклата на екраните, па така да се елиминира потребата од спрејот.
Од Puracoat велат дека едно шише со спрејот е доволно за покривање на четири смартфони или таблети. Обвивката издржува една година, но од компанијата советуваат таа да се променува на секои 3 до 6 месеци, за поголема безбедност. Цената на еден спреј ќе биде околу 20 долари, а снабдувањето се очекува да започне во текот на наредните неколку месеци.