Данска ги има најсреќните работници во светот, покажа истражувањето на фирмата за брендирање Universum.
Глобалниот индекс за среќа на работниците заклучи дека во Данска работниците се најзадоволни, а следат Норвешка, Костарика, Шведска и Австрија.
Истражувањето опфати повеќе од 200.000 млади професионалци на 57 пазари за да се рангира нивото на сатисфакција, нивната желба да го препорачаат својот работодавач на други и нивната потреба да го сменат работното место во блиска иднина.
Испитаниците во Данска високо котираат во однос на лојалноста, па така едвај 30 отсто од сите работници во Данска смениле работно место во изминатата година.
Сепак, менаџерот на истражувањето на Universum, Даниел Екерт, вели дека менувањето на работното место е независна одлука во однос на нивото на задовоство што го пружа работното место.
„Главен поттикнувач за менување на работата е подобрата компензација и бенефитите и подобрите можности за напредок“, вели тој во соопштението.
„Среќата на вработените е најважна за развивање на талентот, како и за мотивирана работна сила која дава одлични резултати и постојана иновативност. Ако младите професионалци на пазарот покажат ниско ниво на непродуктивност, тоа е добар знак за економијата воопшто“, додава Екерт.
Во извештајот се наведува дека балансот меѓу работата и приватниот живот, е област во која Данска постојано котира на врвот во меѓународните споредби, а тоа е главна причина за среќа на вработените.