Некои корисници на Reddit забележаа дека Apple ја забавува работата на нивните iPhone смартфони кои имаат намален капацитет на батеријата. Сега, истите корисници најдоа докази дека компанијата Apple навистина намерно ја намалува брзината на процесорите на постарите iPhone уреди.
Преку апдејтите на iOS, компанијата Apple ја намалува брзината на процесорот кај телефоните кои имаат ослабнат капацитет на батеријата.
Девелоперот Џон Пул ги надгледувал перформансите на iPhone 6S и iPhone 7 во тек на подолг период и забележал дека апдејтите на iOS 10.2.1 и 11.2.0 ја намалуваат брзината на iPhone уредите. Ова е посебно значајно за 11.2.0, кој беше направен со цел да отстрани голем број други проблеми (кои, за волја на вистината беа отстранети), но на крајот сепак тој ги намалуваше перфрормансите на телефонот. Иако, има логична причина за тоа.
Апдејтите го прават тоа за да ја зачуваат батеријата, како таа би траела подолго. Со заменувањето на старата батерија со нова, брзината на процесорот се враќа во нормала. Но, според многумина корисници, ова е трик кој Apple го користи за да ги убеди корисниците на постари iPhone модели да ги заменат со нови.
„Ова поттикнува мислење. Многу од корисниците ќе си речат ‘телефонот ми е бавен, подобро да си купам нов’ а не ‘телефонот ми е бавен, можеби треба да си купам нова батерија’“, вели Џон Пул.
Од компанијата не даваат конкретен одговор за овој проблем.