Британскиот милионер Марко Робинсон одлучил некому да му подари целосно наместен стан. Среќниот добитник ќе се одбере во документарна емисија на британската телевизија Channel 4.
Марко вели дека во детството бил сиромашен и дека тој и неговата мајка често спиеле на клупи во парк. Денес во своја сопственост има повеќе од 150 недвижнини ширум светот, а трисобниот стан кој го подарува се наоѓа во Престон, град во близина на Манчестер. Милионерот на новиот сопственик ќе му исплати и пари за комунални услуги.
– Како дете ми беше тешко во животот, но станав успешени заработив многу пари. Почнав да инвестирам во недвижнини и секогаш ги купував на најдобри места. Сега сакам и нешто да подарам – рекол Марко, инаку татко на две деца.
Тој вели дека одлуката ќе биде тешка бидејќи има многу кандидати.
– Разговарав со бездомници, сопственици на продавници… сакав да ја запознаам ситуацијата во градот и да видам кому му е најпотребен овој стан. Многу луѓе постари од 30 години се` уште живеат со своите родители, а има и многу бездомници – вели Марко.
Тој објаснил и дека пред 20 или 30 години било едноставно да се изнајми или купи стан, но од тогаш платите останале исти, а цените на недвижнините се качиле „до небо“.
– Станот сакам да му го подарам некому кој навистина се труди, но се нашол во проблеми. Не сакам да му го дадам некому кој само би ја искористил мојата добрина. Се надевам дека со овој гест ќе инспирирам и некои други богаташи – заклучил тој.