Научниците од Универзитетот во Копенхаген направиле истражување и со него се покажало дека со 30-минутен активен тренинг можат да се изгубат исто калории, колку и со 60-минутното потење.
Студијата вели дека испитаниците кои трчаат или возат велосипед 30 минути секој ден, после три месеци губат во просек по 3,5 килограми, додека оние кои вежбаат по еден час губат еден килограм помалку.
„Секој тренинг е многу корисен за вашето физичко и ментално здравје“ коментира Мадс Розенкилде, предводник на истражувањето.
Истражувањето вклучувало 60 мажи од Данска кои одговарале на описот „крупни,но здрави“. Сите тие сакале да постигнат подобра форма за три месеци. Научниците ги поделиле во две групи, од кои едната вежбала по еден час дневно, а другата по 30 минути. Се заклучило дека за 30 минути се троши доволно пот за да почнат да се топат масните ткива.
„Тренингот беше осмислен за да предизвикува бавно потење, но од учесниците очекувавме 3 пати неделно да го зголемуваат интензитетот. Се покажа дека едночасовното вежбање не придонесува за дополнително губење на килограмите или за топење на повеќе масни наслаги“ – објаснува истражувачот Розенкилде.
Познато е дека дебелината е еден од главните здравствени проблеми во современиот свет. Затоа сите лекари во светот препорачуваат редовна физичка активност. Според проценките на британското Министерство за здравство, на секој возрасен човек му се потребни барем час и 15 минути физички активности неделно, како што е трчањето или играњето некој спорт. Ова би требало да се надополни и со два часа неделно полесни активности, како брзо одење, шетање или слични активности.