Напредниот технолошки институт на Samsung (SAIT) развил нов материјал за батерии создаден од „графенска топка“, кој потенцијално би овозможил брзини за полнење 5 пати поголеми од оние на сегашните литиум-јонски батерии.
Теоретски, на овој материјал му требаат околу 12 минути да достигне 100% наполнетост, а е изработен од графен – материјал кој често се опишува како „чудесен“ поради неговата комбинација на уникатни карактеристики.
Истражувачите од SAIT развиле механизам кој на графенот му овозможува да биде синтетизиран во 3D форма слична на пуканки со помош на силика (SiO2). Графенската топка потоа се аплицира на заштитните слоеви на катодите и анодите во литиум-јонските батерии.
Покрај побрзото полнење, батериите изработени од овој материјал би биле способни да одржуваат стабилна температура од 60°C, што е од клучно значење за нивно користење во електричните возила.