Оваа година во БиХ имало незапаметена суша по што водостојот на тамошните езера драстично опаднал. Тоа посебно се гледа на вештачките езера кои настанале минатиот век, а едно од нив, Билечкото езеро, открило тајна стара речиси 50 години.
Имено, кога водата се повлекла, се појавиле куќи, бунари и дворови од селото кое било потопено за да се направи ова езеро.
На жителите од деловите на селото кои не биле потопени, воопшто не им е пријатно да гледаат како од водата се појавуваат куќи, гробишта и цркви, а постарите жители се сеќаваат на луѓето од потопеното село и распоредот на куќите и останатите објекти. Поради изградбата на браната и езерото, селаните морале засекогаш да ги напуштат своите домови и да заминат на други места.
Медиумите во БиХ пишуваат дека се огласиле и неколку поранешни жители кои биле потресени од глетката, бидејќи, како што велат, многумина од нив ги напуштиле своите домови дури откако водата им дошла до колена.
Ова е веќе втор случај оваа година во Херцеговина, остатоци од куќи да се појават на површината по неколку децении. И Рамското езеро имало најнизок водостој откако постои, па од езерото се појавиле остатоци од селото Копчичи, кое било потопено на ист начин како и селото покрај Билече.
Од езерото се појавиле куќи и бунари, но и гробови и човечки остатоци и предмети со кои се служеле селаните.