Жените од Јужна Кореја ќе бидат први во светот со просечен животен век над 90 години, сугерира анализата направена од Кралскиот колеџ во Лондон и Светската здравствена организација (СЗО). Тие го анализирале животниот век во 35 индустријализирани земји.
Според анализата на СЗО и Кралскиот колеџ од Лондон, се предвидува дека сите луѓе ќе живеат подолго по 2030 година, а границата меѓу мажите и жените ќе почне да се намалува во повеќето земји.
Научниците велат дека наодите претставуваат големи предизвици за пензискиот систем и за грижата за стари лица.
„Јужна Кореја направи многу работи правилно”, изјавил професорот Маџид Езати за веб-сајтот на BBC News.
„Се чини дека таму постои еднаквост во однос на работите кои се корисни за луѓето, образованието, исхраната и тоа им носи бенефит на повеќето луѓе. Тие се подобри во справувањето со хипертензија и имаат една од најниските стапки на дебелина во светот“.
Податоците, исто така, предвидуваат дека Јапонија, некогашен синоним за долговечноста, ќе падне на глобалната ранг-листа. Јапонија во моментов е на врвот на листата со највисок очекуван животен век за жени, но на листата ќе ја минат Јужна Кореја и Франција, сугерира анализата.