Документарецот открива како дечиња од сиромашни семејства уште на седумгодишна возраст се присилени да бидат дел од еден брутален спорт, пишува Mirror.
Од силните удари децата можат да добијат оштетувања на мозокот, но возрасните се обложуваат со големи суми на нивните борби, а родителите им вршат огромен притисок за да се борат и победат со цел да обезбедат пари за подобар живот.
Новинарката Мери-Ен Очота од Channel 4 за серијата „Unreported World“ направи видео приказна за 11-годишниот Нат Танарак, едно од најдобрите деца-бoксери во северниот дел на земјата каде владее огромна сиромаштија.
„Ова го правам за пари, а и за да го прославам моето село“, вели момчето.
Тој се подготвува за борба со дванаесетгодишно момче, шампион од друга провинција. Има повеќе од 30.000 професионални деца-боксери обучени за боречката вештина Муај Таи која се смета за една од најтешките спортски дисциплини.
Понекогаш се борат за сума помала од 4 фунти, но нивните победи им носат леб на родителите кои не можат доволно да заработат за живот, истовремено станувајќи локални херои во своите села.
„Повеќето од децата не сфаќаат колку опасна може да биде интензивната и честата борба на млада возраст. Родителите можеби се свесни, но заработувањето пари е на првото место за нив“, вели Очота за Mirror.
Децата боксери имаат наталожено железо предизвикано од внатрешното крвавење во мозокот. Оштетувањето во некои детски мозоци е слично како на оние деца кои имаат доживеано сообраќајка или пад од височина.
Сè додека имаат дозвола од родителите, децата во Тајланд можат професионално да се борат.