Нов електричен камион се појави како закана за Tesla Semi, камионот кој треба да ја промени индустријата. Од компанијата Thor Trucks најавуваат дека нивниот модел би требало да се појави на пазарот пред излегување на моделот на Tesla.
Малата стартап компанија Thor Trucks ја претстави нивната работа преку електричниот камион ET-One.
Прототипот ET-One е „чудовиштето на Франкенштајн“, составено од делови од многу различни произведувачи. Има домет од 480 километри со едно полнење, носивост од 40 тони, и кога ќе излезе на пазарот неговата цена ќе биде 150.000 долари. Компанијата во моментов работи и на поевтина верзија на камионот која ќе има домет од 160 километри.
Минатиот месец Tesla се пофали со нејзиниот електричен камион, кој според нивните проценки, требаше да биде прв таков на пазарот. Но, од Thor Trucks тврдат дека не само што ET-One ќе биде промовиран пред камионот на Tesla, туку и сметаат дека можат да бидат конкурентни заради уникатниот начин на кој технологијата која ја користат претвора фосилни горива во електрична енергија. Сепак, дури и тие признаваат дека во моментв не се сигурни околу финансиската состојба и дали би можеле да ги произведуваат овие камиони сериски.
„Имаше многу чад околу нашиот проект. Мораме да бидеме внимателни околу времето кое ни е потребно за да дизајнираме хардвер кој е супер безбеден и ефективен“, изјави ко-основачот на Thor Trucks, Џордано Сордони.
За разлика од нивните конкуренти, Thor Trucks е микро-компанија со само 18 вработени. Во меѓувреме, тие се соочуваат со проблемите кои им ги задаваат компании како Cummins, Daimler, Bosch, Tesla и Toyota, кои исто така работат на своите електрични камиони, но кои можат да си дозволат многу поголеми буџети и полесно привлекуваат талент.