Турски приватен авион со 11 патници и членови на екипажот се сруши во Иран на враќање од моминската забава на ќерката на истакнат турски бизнисмен, објавија турските медиуми.
Во авионот имало тројца членови на екипажот и осум патнички – наследничката на бизнисменот Хусеин Басаран и нејзините седум другарки.
28-годишната Мина Басаран била во Дубаи на моминска забава со пријателките, пред свадбата закажана за следниот месец.
Турскиот весник „Хуријет“ објави дека авионот се срушил и вивнал во пламен во близина на Шар-е Код во западен Иран.
„Според последните информации од иранскиот Црвен крст, најдени се остатоците од авионот и телата на жртвите. Ќе бидат пренесени од планината штом изгрее сонцето. Сочувство до оние кои ги изгубија нивните сакани“, објави шефот на турскиот Црвен крст на Twitter.
Авионот Bombardier Challenger 604 ѝ припаѓал на една од компаниите на турскиот бизнисмен Басаран кој има бизниси во областа на енергетиката, финансиите, градежништво, туризмот и други.
Еден од проектите на неговите градежни компании во Истанбул го носи името на ќерка му, Мина Тауерс.
Госпоѓица Басаран стана член на управниот одбор во една од компаниите на татко ѝ во 2013 година.
Мина Басаран пред еден ден објавила фотографија на Instagram како се забавува со пријателките на нејзината моминска забава во луксузниот хотел One and Only Royal Mirage во Дубаи.
Мина Басаран требаше да се омажи за бизнисменот Мурат Гезер на 14 април во Cirali Palace во Истанбул.