На 65-годишниот Хју Молеј лекарите му дадоа само 10 минути да се збогува од семејството пред да биде пуштен на респиратор поради влошување на симптомите од корона вирусот.
Откако страдал од симптоми во домашни услови една недела, тој конечно бил примен во болницата на 20 март, а следниот ден, околу 4 часот наутро, неговото ниво на кислород драстично се намалило.
Неговата единствена надеж била респиратор – машина која ја презема функцијата на дишење кога болеста предизвикува откажување на белите дробови.
На Хју му било кажано дека тој веројатно нема ни да се разбуди и додека чекал да го успијат за да го интубираат, тој ги викнал сопругата и ќерките да се збогуваат.
– Имав толку малку време, морав да размислувам брзо да кажам нешто значајно.
Така му паднала на ум една песна за зачувување на скапоценото време што го поминал со своите најблиски.
Се наоѓал во индуцирана кома 9 дена и иако лекарите мислеле дека нема надеж, тој се разбудил!
– Првите неколку часови по будењето беа како сон, како фантазија. Се сеќавам на мало чешање во градите каде беше респираторната цевка.
Сепак, чувството за целосна физичка слабост било најтешко за него.
– Се сеќавам дека некој ме прашува дали би можел да се кренам од кревет. Не можев да го сторам тоа со денови. Нозете ми беа како олово. Не бев дехидриран, но чувствував ужасна жед.
Неговата сопруга плачела од среќа кога повторно го слушнала два дена откако се разбудил.
На семејството не му било дозволено да го посети, но две седмици подоцна, кога тој бил пренесен од интензивна нега на одделение, можеле да се видат само преку стакло.
– Постојано повторуваа колку се горди на мене.
Сепак, морало да помине еден месец од будењето од кома за конечно да се сретне со семејството.
– Мојот син ме праша: Тато, дали конечно можам да те прегрнам? Тогаш бев сигурен дека сум закрепнал – заклучи Хју во интервју за „Дејли Меил“.