Во последните 16 години CC Cleaner бил еден од најпопуларните софтверски алатки за чистење и оптимизација на компјутерите, познат по ефикасното отстранување на несаканите фајлови и програми, како и многу насобраното “дигитално ѓубре” од хард дисковите на нашите компјутери.
Меѓутоа, оваа недела Microsoft одлучил дека CCleaner повеќе не му е потребен.
Microsoft Defender, претходно познат како Windows Defender, почнал да ја означува бесплатната верзија на Avast CCleaner како “Потенцијално несакана апликација“ (PUA – Potentially Unwanted Application).
Microsoft и претходно сметал дека вакви чистачи претставуваат потенцијални проблеми. Она што најмногу им пречи е начинот на дистрибуција на популарниот “чистач”.
– Самата апликација е потполно легитимна, но нејзината дистрибуција, особено во пакет со производи од други произведувачи може да резултира со неочекувана активност на софтверот која може да има негативно влијание врз корисничкото искуство. За да ги заштитиме корисниците на Windows, Microsoft Defender Antivirus ќе ја детектира инсталацијата CCleaner, која може да предизвика таква активност, означувајќи ја како потенцијално несакана апликација.
Бесплатната верзија на CCleaner доаѓа во пакет со Google Chrome, Google Toolbar, Avast Free Antivirus и AVG Antivirus Free програмите.
Иако корисниците при инсталацијата можат да изберат да не ги инсталираат сите програми, многумина автоматски инсталираат се. Затоа Microsoft Defender во иднина, при инсталацијата ќе ги информира корисниците за потенцијалните опасности, а потоа ќе им даде избор да продолжат со понатамошна инсталација или да ја стопираат.