Кинеското Министерство за земјоделство денеска објави дека видот на свински грип познат како „Г4“ не е нов и не води кон полесна инфекција и заболување на луѓе или животни, што ги побива наодите од неодамна објавената студија.
Студија на група кинески научници беше објавена оваа недела во Соединетите држави и предупредува дека овој наводно нов вид вирус на свински грип станал заразен кај луѓето и затоа има потенцијал да предизвика пандемија.
Сепак, кинеското министерство посочи дека студијата се толкува во медиумите на „прекумерен и нереален начин“.
Според министерството, по стручен семинар за влијанието на вирусот Г4 врз земјоделските свињи и јавното здравство, примерокот врз кој се базира студијата е премал за да биде репрезентативен и не дава соодветни докази дека вирусот станал доминантен кај свињите.