Скијачките центри се отвораат во Италија, но со Ковид потврда и негативен ПЦР тест, додека во Австрија хотелите и рестораните нема да работат. Каква е состојбата во најпознатите европски скијачки центри?
Италија
Кога беше објавен локдаунот во март 2020 година, скијачите кои се најдоа во Италија мораа брзо да се вратат дома. Сега, речиси две години подоцна, повторно се отворени ски-центрите, пишува Euronews.
Снегот падна во текот на ноќта, а зголемен е и бројот на заболени во алпските региони на границата со Австрија. Сепак, скијачките центри на падините на Кронплац во градот Сан Вигилио се отворени, а скијачите од Италија и Хрватска побрзаа да скијаат.
„Се тресам, бидејќи на 8 март 2020 година практично побегнавме од тука во Рим поради карантинот“, вели Моника Мелони од Рим.
Во согласност со епидемиолошката состојба и мерките за коронавирусот, сите скијачи треба да имаат сертификат за КОВИД или негативен ПЦР тест не постар од 24 часа за да можат да ја користат жичарата и заедничките простории. Скијачката сезона официјално ќе биде отворена на 4 декември.
Швајцарија
Скијачките центри во Швајцарија се отворени од минатата година, а истото го планираат и годинава. Врвот се очекува кон средината на декември.
Лани рестораните беа затворени, годинава се отворени, но гостите мора да имаат сертификат. Иако скијачите не мора да поседуваат сертификати за ски-лифтовите, маските се задолжителни.
Годинава очекуваат повеќе посетители, но поради растот на бројот на заразени и новиот сој, Швајцарците велат дека состојбата со мерките на скијачките центри може да се промени како што се менуваат мерките во таа земја.
Франција
Во Франција, 250 скијачки центри се подготвуваат за отворање откако ја отпишаа минатата сезона. Првите скијачи можеа да го посетат Вал Торенс на 20 ноември.
Маските се задолжителни во сите одморалишта за сите постари од 11 години, како и физичка дистанца.
Француското здружение на скијачки центри соопшти дека во случај на одредено зголемување на бројот на заразени лица, пасошите од Ковид ќе бидат задолжителни за сите постари од 12 години и ќе се врши строга проверка.
Австрија
Иако се во карантин, Австрија отвора скијачки центри за сите оние кои биле вакцинирани или заболени од Ковид 19 во последните шест месеци. Скијањето е физичка активност на отворено, па затоа не е целосно забрането. И покрај тоа, на туристите ќе им биде потешко да скијаат во Австрија бидејќи сите хотели и ресторани се затворени.
Раководствата на повеќето скијачки центри се уште немаат решено кога и дали воопшто ќе се отворат, а Ишгл, кој некогаш беше големо жариште, ќе се отвори на 3 декември.
Германија
За скијање во Германија потребен е сертификат за ковид, негативен тест не постар од 24 часа и маски на сите лифтови. Во Баварија правилата се построги: само оние кои биле вакцинирани против коронавирус во последните шест месеци можат да одат на скијање, но со негативен тест.