Isla del Coco (Островот на кокос) е гордоста на Костарика, сместен во Тихиот Океан, на речиси 500 километри оддалеченост од копното. Овој мистичен остров е посебен поради тропската прашума, како и ендемичната флора и фауна и националниот парк кои создаваат погледи кои не можат да се видат на друго место, што го прави идеална лабораторија во природата за биолозите кои доаѓаат таму од целиот свет.
Осамениот остров има повеќе од 230 растителни видови, 362 видови инсекти и два ендемични рептили. Убавините на „Костариканскиот Галапагос“ ги препозна и УНЕСКО, кој го прогласи за заштитен во 1997 година.
Морскиот свет на националниот парк е познат меѓу нуркачите, кои го оценуваат како едно од најдобрите места во светот за набљудување на ајкули, ражи, туна и делфини. Покрај биолозите и нуркачите, егзотичниот остров е предмет на желба и на фотографите, но и на волонтерите кои доаѓаат таму да учествуваат во различни истражувања.
Кокосовиот остров го привлече вниманието и на Жак Кусто (француски поморски истражувач и режисер на документарци), кој во 1976 година го опиша како најубавиот остров на светот. Исла дел Коко е познат и како „Островот на богатството“, поради легендата дека пиратите таму го криеле богатството, но тоа никогаш не било пронајдено. За време на прошетката по островските патеки може да се видат и врежани камења, меѓу кои и оној на кој озлогласениот пират капетан Хенри Морган оставил свој белег. За да го посетите ќе ви требаат неколку илјади долари за да потрошите на една од агенциите кои организираат патувања со брод од Пунтаренас, како и некаде помеѓу 36 и 42 часа за пловење.