Навистина ќе се случи повторно обединување на актерите од филмовите за Хари Потер. По повод 20-годишнината од излегувањето на првиот филм за омилениот волшебник, ќе биде прикажан еднократен јубилеен специјал и едвај чекаме да излезе.
Иако гласините почнаа порано, сега пристигна и официјална потврда во форма на трејлер објавен од HBO Max, кој освен извадоци од филмови за волшебникот, содржи и листа на актери и датум на прикажување.
Трејлерот на својот Инстаграм го сподели актерката Ема Вотсон, која светската слава ја стекна благодарение на улогата на пријателката на Хари, Хермиона. Неа и остатокот од актерската екипа ќе ги гледаме повторно заедно на 1 јануари 2022 година, па фановите на Хогвортс веќе знаат како ќе го поминат првиот ден од новата година.
Што се однесува до актерите кои можеме да ги очекуваме во специјалното, првата добра вест е дека ќе се собере одличното трио – Хари Потер (Даниел Редклиф), Рон (Руперт Гринт) и веќе споменатата Хермиона (Ема Вотсон).
HBO Max го потврди и појавувањето на долга низа други ѕвезди кои ја одбележаа оваа приказна. На листата се и Драко Малфој (Том Фелтон), Луна Лавгуд (Евана Линч), Џини Визли (Бони Рајт) и Невил Лонгботом (Метју Луис).
Кој друг? Се враќаат и актерите Хелена Бонам Катер, Роби Колтрејн, Ралф Фајнс, Гери Олдман, Имелда Стаунтон, Џејмс и Оливер Фелпс, Марк Вилијамс, Алфред Енох и Крис Колумбус.
За жал, во моментов недостасуваат некои големи имиња, но се уште постои надеж дека ќе се појават бидејќи на крајот од трејлерот пораката е „и многу други“. Тоа може да значи дека повеќе ѕвезди ќе бидат дел од проектот.
Обожавателите се надеваат дека специјалот ќе им оддаде почит на актерот Алан Рикман кој го играше Снејп, Ричард Харис кој го играше Дамблдор во првите два филма и Хелен Меккрори која ја играше Нарциса Малфој.
И сега прашањето кое многумина најмногу ги интересира – како ќе изгледа заплетот?
Најавата за филмот не открива премногу детали за форматот на специјалот бидејќи е базиран на снимки од оригиналните филмови. Сепак, можно е, односно се шпекулира дека авторите ќе се инспирираат од собирот на тимот од серијата „Friends“.
Дали ќе биде така или не чека нешто сосема друго, останува да видиме. За среќа, новата 2022 година не е толку далеку, а дотогаш уживајте во носталгичната најава за вашето враќање во Хогвортс 20 години подоцна.