Есенските денови со себе носат дополнителни проблеми кога станува збор за стилизирање на косата, особено кога мислиме на дождливите денови и бурните ветрови, кои се главните причини за пречестото фенирање, употребата на преси и силните хемикалии.
Доколку сакате да ја зачувате косата од оштетување, пречесто шишање и досаден изглед, вистинско време е да воведете дополнителна нега во вид на органски маски кои се богати со моќни состојки.
Откако ќе ја измиете косата со шампон без сулфат, парабени и микропластика, нанесете ја вообичаената рутина, а потоа на влажна коса нанесете мешавина од следните состојки.
1. мелено свежо авокадо
2. Ладно цедено маслиново масло / 2 лажици
3. половина испасирана банана
4. жолчки
5. лажица ливадски мед
6. лажица масло од глуварче
Оставете ја оваа моќна маска на вашата коса најмалку 30 минути, а потоа исплакнете со млака вода. По првиот пат, ќе се изненадите колку косата ќе биде мазна, полна со сјај, еластичност, волумен, а стилизирањето ќе го завршите барем 15 минути порано од вообичаеното.
Оптимално би било да ја користите два пати месечно, а доколку вашата коса е многу оштетена, нанесувајте ја после секое миење.
За дополнително да ја заштитите косата од надворешни фактори, пред секое излегување од дома, на врвовите ставете две капки чичково масло, со што ќе направите заштитен слој без замастување.