Таа весела изрека дека мажите мислат со долната глава доби ново значење. Една нова студија покажа дека има многу сличности во структурата на машкиот мозок и тестисите, пишува порталот Science Alert.
„Мозокот и тестисите имаат најголем број на заеднички протеини во споредба со другите органи“, објави тимот на португалскиот биомедицински научник Барбара Матос во списанието Royal Society Open Biology.
И додека мозокот има многу сложена улога – тој го контролира нашето тело, ги прима и толкува сигналите на нашите сетилни органи и е единствениот што мисли и чувствува, човечките тестиси имаат само две функции, производство на сперма и хормони. (Иако можеби треба да им простиме на оние кои исто така припишуваат мисли и чувства на овие жлезди).
Претходните студии сугерираат дека постојат врски помеѓу сексуална дисфункција и нарушувања на мозокот, дури и помеѓу квалитетот на спермата и интелигенцијата. Сами по себе, овие врски не значат многу, но португалските научници најдоа објаснување зошто тие сè уште можат да постојат.
Тие споредиле протеини од 33 типови ткива, вклучувајќи ги срцето, цревата, матката, јајниците и плацентата и откриле дека мозокот и тестисите имаат 13.342 заеднички протеини. Ова е потврдено со студии за изразување на гени кои покажаа дека овие два далечни органи го делат најголемиот број на гени меѓу сите органи во телото.
Кога проучувале кои од најчестите протеини се најизразени, Матос и колегите откриле дека станува збор за протеини кои најмногу учествуваат во развојот на ткивата и комуникацијата на клетките. Ова има смисла ако размислите колку двата органи се неочекувано слични.
Мозокот и тестисите се алчни за енергија за да имаат „гориво“ за многу тешките процеси како размислувањето и производството на неколку милиони сперматозоиди на ден. Така, и двата органи имаат специјализирани клетки за поддршка на многу вредни неврони во мозокот и герминативни клетки во тестисите кои треба добро да се „нахранат“.
Покрај тоа, и покрај нивната многу поинаква цел, невроните на неколку начини функционираат слично како сперматозоидите. И двата типа на клетки имаат важна задача да ги придвижат работите одвнатре кон надворешната средина, односно меѓуклеточниот простор, што е процес наречен егзоцитоза.
„Ова е недоволно истражена област и треба да се разјасни врската помеѓу овие ткива, што ќе помогне да се разберат дисфункциите што влијаат на мозокот и тестисите“, напишаа португалските научници.
Иако сопствениците на тестисите можеби не се воодушевени од овој вид на биолошко знаење, жените може да заклучат дека тие имаат многу смисла. Но, пред да ‘се залетаат’, ова откритие значи дека нивниот мозок содржи и материјал сличен на оној кај машките гонади, заклучува порталот Science Alert, специјализиран за популарната наука.