Научниците шокирани од откритието: Коронавирусот не мора да влезе во мозокот за да го оштети

8 јануари, 2021
61795868

Новиот коронавирус не мора да продира директно во мозочното ткиво за да го оштети, покажува новата студија пренесена од британската новинска агенција Ројтерс.

Истражувачите проучувале мозоци на 19 пациенти кои починале од коронавирусна болест, фокусирајќи се на ткивните региони за кои се верува дека се многу подложни на пенетрација на вирусот. Тоа е миризливиот дел од bulbus olfactorius кој го контролира чувството за мирис и мозочното стебло што ги контролира дишењето и работата на срцето.

Кај 14 пациенти, во едниот или во двата региона имало оштетени крвни садови, некои биле запушени, некои протекувале. Откриле дека области на истекување биле опкружени со воспалително изменето ткиво како резултат на имунолошкиот одговор на организмот.

Научниците не пронајдоа докази за присуство на самиот вирус, напишаа во трудот објавен во New England Journal of Medicine.

Бевме целосно изненадени, рече коавторот на истражувањето, др. Авиндра Нат од Националниот институт за невролошки болести и мозочен удар.

Штетата што ја забележа неговиот тим обично беше поврзана со мозочни удари и воспалителни болести на нервниот систем, додаде тој.

Нашите досегашни резултати сугерираат дека штетата можеби не е предизвикана од директно продирање на вирусот САРС-CoV-2 во мозокот, вели др. Нат.

Во иднина, планираме да проучиме како КОВИД-19 ги ​​оштетува крвните садови во мозокот и дали произведува некои од краткорочните и долгорочните симптоми што ги гледаме кај пациентите.