Нови правила за патување со траекти до грчките острови стапија на сила денес за да се спречи ширењето на „ковид-19“.
Патниците сега мора да покажат еден од следниве документи: потврда за вакцинација против корона, доказ за неодамнешно опоравување од вирусот, негативен тест за PCR не постар од 72 часа или негативен брз тест не постар од 48 часа.
Правилата важат за сите патници постари од 12 години, пренесува грчкиот весник „Катимерини“. На патниците на возраст меѓу 12 и 17 години им е дозволено да патуваат со негативен резултат на самотестирање во последните 24 часа.
На патниците од 12 или повеќе години им се препорачува да се само-тестираат пред да се вратат од островот.
Правилата за преминување на грчката граница остануваат исти!
Вакцинираните лица доставуваат потврда за примање на две дози вакцина издадени од официјални државни институции, под услов втората доза на вакцина против корона вирус да се прими најмалку 14 дена пред поаѓањето.
Втората опција е негативен тест за PCR не постар од 72 часа и третата, потврда за прележана инфекција, стара од 2 до 9 месеци од датумот на патување. Сега, на сето тоа е додадена можноста за преминување на границата со негативен антигенски тест, што е трипати поевтино од PCR тестот.
Грчките здравствени власти пријавија 619 нови случаи на корона вирус во последните 24 часа, како и шест смртни случаи.