Холивудскиот актер Алек Болдвин првпат пред камера проговори за пукањето за време на снимањето на филмот„Раст“, кога беше убиена директорката на фотографија Халина Хачинс.
„Таа беше моја пријателка“, им рекол Болдвин на папараците кои го пресретнале во американскиот град Манчестер, каде што тој престојувал со семејството по трагичниот инцидент на филмскиот сет.
Тој нагласи дека не смее да зборува за детали од пукањето, туку дека е во постојан контакт со сопругот и синот на Хачинс.
„Не ми е дозволено да давам никакви коментари бидејќи истрагата е во тек“, рекол Болдвин.
Популарниот актер исто така дополнил дека ги видел сопругот и синот на Хачинс по несреќата за време на снимањето , но не знаел како да окарактеризира како поминала средбата.
„Повремено се случуваат несреќи на снимањето, но ништо слично“, истакнал Алек Болдвин.
Актерот, кој е и продуцент на филмот, додал дека не може да каже дали некогаш повторно ќе работи на филм за чие снимање е потребна употреба на огнено оружје, како оној на снимањето на „Раст“, пренесува СНН.
За време на снимањето на филмот во Ново Мексико, Болдвин случајно ја застрелал и ја убил директорката на фотографија Халина Хачинс и го ранил режисерот Џоел Соуза.