Дали би се осмелиле?
И додека одењето по стаклена површина на голема височина за некои е сценарио од најлошите кошмари, солитерот Сумит во Њујорк за адреналинските зависници стана туристичка атракција која не смее да се пропушти.
Дали знаете какво е чувството да застанете на стаклена површина 300 метри над земјата и да уживате во непречениот поглед на Њујорк? Оваа привилегија наскоро ќе биде достапна за сите заинтересирани посетители на новиот деловен облакодер „One Vanderbilt“ во Големото Јаболко, кој достигнува висина од 427 метри, пренесува хрватскиот сајт „Pun kufer“.
На врвот на облакодерот, односно на околу 300 метри над земјата, се изградени стаклени платформи – Сумит – кои се протегаат низ четири ката, и кои се наменети за набљудување на околината на нов начин.
Сумит користи огледала и стакло за да создаде илузија на бесконечен простор. Оние што го посетиле тврдат дека тоа е прошетка меѓу облаците што овозможува спектакуларен поглед на Менхетн.
За заинтересираните има стаклена левитациска кутија сместена надвор од облакодерот, односно на височина од 324 метри над авенијата Медисон, каде ќе се чувствувате како да лебдите во воздухот. Тука е и Ascent – лифтот што е опкружен од сите страни со стакло, и кој се качува од дното на облакодерот до височина од 364 метри. Цените на билетите се движат од 33 до 73 долари, во зависност од тоа каде сакате да стоите на Сумит.
Имајте на ум дека треба да се почитуваат некои правила при посета – задолжително носете очила за сонце со вас поради одразот на светлината, што може да го отежне нормалното движење по стаклените платформи.
Не се препорачува носење парчиња облека што можат да откријат интимни делови од телото во одразот на огледалата на подот, а исто така е забрането да се носат чевли како што се чевли со високи потпетици кои можат да ги оштетат платформите.