Норвежаните се исклучителни љубители на свеж воздух и престој во природа, дури и среде зима кога температурите покажуваат степени под нулата. Добро е познато дека нивните зими се долги и темни, но успешно се справуваат со нив благодарение на концептот friluftsliv, што може да се преведе како „живот на свеж воздух“. Терминот е донекаде сличен на данскиот hygge, но додека hygge учи како да се чувствувате како дома колку што е можно повеќе, friluftsliv ќе ве научи како да уживате надвор.
Friluftsliv е дел од норвешката традиција и е длабоко вграден во обичаите на земјата. Станува збор за прифаќање да се биде надвор, дури и на ниски температури, со цел подобро да се поврзете со природата и да се опуштите. „Животот на отворено е важен поради физичките активности, релаксацијата и наоѓањето време за себе и за другите“ – смета Даг Солванг од Норвешката асоцијација за трекинг, додавајќи дека апсолутно секој може да ужива во животот надвор.
Со friluftsliv, не треба да трошите пари за да уживате во него. Можете едноставно да шетате со вашето семејство, да одите на кампување или да уживате во риболов. Иако повеќето од нас го прифаќаат во некоја форма, во Норвешка тоа е страст. Без разлика на временските услови надвор – дожд, град, снег – Норвежаните сметаат дека уживањето на чист воздух нема алтернатива. Интересно е како овој термин е измислен во средината на 19 век од големиот писател Хенрик Ибзен.
Сепак, треба да се каже дека и Норвежаните имаат среќа, бидејќи и во голем град како Осло има огромни простори за уживање во природата. Конкретно, friluftsliv дојде до израз за време на пандемијата на коронавирус, па на пример, апликација која открива патеки за пешачење и планинарење низ целата земја ја користеа пет милиони корисници оваа година.
Исто така, земјата има Закон за рекреација на отворено, кој предвидува дека секој жител има право да користи земјиште низ Норвешка за кампување, планинарење, скијање, возење велосипед… Во основа, на далечниот север, животот на отворено – е високо ценет.