
Американската старлета Ким Кардашијан за прв пат јавно ги отфрли обвинувањата дека трајно го оштетила фустанот на Мерлин Монро, кој го носеше на овогодинешната Мет Гала.
Таа како гостин во емисијата „Today“ одговори дека не се точни наводите на колекционерот Скот Фортнер.
– Тимот од компанијата „Рипли“, во чиј музеј се наоѓа овој фустан, и јас се погриживме се да помине во најдобар ред. Фустанот го облеков со помош на асистенти кои носеа заштитни ракавици и го носев околу три-четири минути – одговори Ким.

Ова го потврдија и одговорните од музејот.
– Факт е дека Ким на никаков начин не го оштети фустанот. Од дното на скалите, каде што го облече, до врвот, каде што беше вратен, фустанот беше во истата состојба во која беше изнајмен – изјави потпретседателката на издаваштвото и лиценцирањето на музејот, Аманда Џојнер.

Да се потсетиме, Скот Фортнер, историчар на уметност и колекционер, објави, имено, фотографии од фустанот што моментално е изложен во музејот Рипли со видливи фелери долж патентот. Недостигаат и некои кристали и светки, а некои едноставно висат.