Го славиме Светскиот ден на шегата и во тоа име се сеќаваме на една оригинална „измама“
Вечерта на 1 април, телефонските линии на BBCполудеа, стотици гледачи сакаа да знаат каде да купат и како да почнат да одгледуваат – шпагети! Да, добро прочитавте – шпагети!
Измамата „Берба на шпагети“ е лажна триминутна телевизиска репортажа, емитувана на 1 април 1957 година на „Панорама“ на BBC.
Написот остана запаметен како најголемата првоаприлска шега на сите времиња во Британија. Неколку децении подоцна, BBC ја нарече емисијата „најголемата измама досега од реномирана медиумска куќа“.
Рекордна берба на шпагети во Швајцарија
Во далечната 1957 година, BBC објави првоаприлска шега за тоа како Швајцарците берат шпагети од дрво! Рекордниот принос беше објаснет со топлата зима. Во написот се зборуваше за тоа како конечно е искоренет штетникот што „ги напаѓа шпагетите и се нарекува шпагетен штетник“.
Следеше објаснување за тоа како сите шпагети се со иста должина по многу генерации внимателно одгледување на дрвјата шпагети и како тоа е мал семеен бизнис во Швајцарија наспроти огромните плантажи со шпагети во Италија.
Приказната ја смислил снимателот на „Панорама“ Шарл де Јегер, присетувајќи се како наставниците во неговото училиште во Австрија ги задевале неговите соученици дека се толку глупави што би поверувале ако некој им каже дека шпагетите растат на дрво.
За статијата да биде што поубедлива, текстот го прочита еминентниот телевизиски водител Ричард Димблби.
Во времето на емитувањето, италијанската кујна беше вистинска реткост во Британија. Само оние кои патувале или се бореле во Италија една деценија порано знаеле повеќе за неа. Шпагетите беа необична храна за Британците, кои најмногу ги познаваа како конзервиран, егзотичен деликатес со сос од домати.
Тоа придонесе да не беше тешко да се убедат гледачите дека се работи за растение, а не за тестенини од брашно.
Засадете и чекајте
Веднаш по овој напис, телефоните на BBC не престанаа да ѕвонат со часови. Се проценува дека програмата ја гледале околу осум милиони гледачи, што резултирало со стотици телефонски повици со различни мотиви – од луѓе кои мислеле дека новинарите на BBC се, благо кажано, „будали“ до оние кои се прашувале каде да најдат садници сакале да одгледуваат шпагети.
Овие вторите добиле одговор да „засадат шпагети во половина лименка сос од домати и да се надеваат на најдоброто“