
Треба да се избегнува директно изложување на сонце во периодот од 10 до 17 часот, особено децата, трудниците, постарите лица, срцево болните и пациентите со хронични заболувања.
Топлината може да предизвика исцрпеност и топлотен удар и може да ги влоши постоечките состојби, како што се кардиоваскуларни, респираторни, бубрежни или ментални заболувања, а при високи жештини треба да се следат советите од здравствените институции.
Во најтоплиот дел од денот треба да избегнувате излегување на отворено и физичка работа, а се препорачува и редовна употреба на производи со заштитен фактор.
Ви ги пренесуваме телесните знаци кои не смеете да ги игнорирате.
Топлотен удар
Ова е најтешката последица од летните горештини, а симптомите се:
- силна главоболка
- гадење и вртоглавица
- висока телесна температура
- црвена кожа (без потење)
- губење на свеста
Неопходно е веднаш да повикате брза помош.
Сончев удар
Најчестите симптоми се:
- сува кожа со значително зголемена телесна температура
- главоболка
- вртоглавица
- немири
- конфузија
- црвенило на лицето, набрзо проследено со зуење во ушите, проблеми со видот и слабост
Во најтешките случаи, лицето е зашеметено, со проширени зеници, па дури и може да се онесвести. Пулсот е брз, а дишењето е плитко и брзо. Лицето треба да се стави под сенка што е можно поскоро и постепено да се лади како во случај на топлотен удар. Децата и постарите лица се особено подложни на сончев удар.