За Италијанците подготовката и уживањето во кафето е начин на живот, но во зависност од делот на земјата во која живеат или од каде доаѓаат, се разликуваат и навиките. 20 региони и повеќе од 8.000 градови расфрлани низ Чизмата се карактеризираат со бројни разлики. Кафето во Венеција е главно со целосен вкус и ароматично, со примеси на ориенталниот мирис на ванила. Лесно и нежно е во Милано, а поробустно во Пиемонт и Лигурија.
Ако се најдете во Трст и сакате еспресо во кафуле, магичниот збор е неро, а капо е макијато, односно еспресо со малку пенливо млеко. Марокино, кое се пие во Милано, се карактеризира со додавање на какао, кое се додава во еспресото со млеко. Во Торино се вика бицерин, а во Апулија треба да нарачате еспресино. Во Неапол еспресото е многу ценето, а најпосакуваното е кратко и јако. Нарачајте еспресо кон пана ако сакате еспресо со шлаг.
За да нарачате кафе како Италијанец, треба да запомните дека кафињата со млеко, како што се капучино, кафе лате и макијато, се резервирани за утринските часови, а доколку ги нарачате попладне, може да предизвикате дури и потсмев. Исто така, ваквите кафиња не треба да се пијат после оброк.
Италијанците уживаат во своето еспресо брзо, многу често стоејќи, а ако одлучите да седнете во кафуле, ќе платите повеќе за тоа. Пократко од еспресото е ристрето, а лунго или американо се подолги. Треба да се има на ум дека американото сè уште не е толку благо како американското кафе и има значително помалку вода по количина на кафе. За побрзо да се разбудите по непроспиената ноќ, ќе ви помогне допио, односно двојно еспресо.
Лате макијато е млеко во кое се додава еспресо, а за подготовка се користат истите состојки како и за кафе лате, но нивниот изглед е различен. Лате макијато треба да се сервира во висока чаша и да се подготви така што различните слоеви се јасно видливи.