Патувањето со воз станува сè попопуларно, а Европа е зафатена од бран нови линии. Железницата никогаш не изгледала подобро, нејзината иднина изгледа светла затоа што секој ден читаме за отворање на нови линии меѓу метрополите на стариот континент. Во морето на овие вести пристигна една интересна од Австрија. Хм, или можеби е подобро да се каже – бизарна.
Доколку се одлучите да патувате со воз во Австрија, а сте еден од оние кои сакаат да заштедат пари, постои многу специфично решение. Во ред, одлуката можеби не е најлесната, но доколку сакате да се возите бесплатно една година и да гледате планински врвови, крави и пасишта, единственото нешто што треба да направите, како што пренесува британскиот портал Метро, е да добиете тетоважа.
Па, сега, ќе речете: „Одлично, баш планирав кул тетоважа“, но има и финта – треба да го истетовирате името на патничката карта KlimaTicket. Сепак, единственото нешто што не е дефинирано е каде, па можеби вреди да се патува една година доколку тетоважата е на невидливо место…
Промоцијата беше лансирана летово, во пренослив салон за тетовирање кој посетуваше различни фестивали. Иако многумина тоа го дочекаа со потсмев, некои решија да го отстапат своето тело за рекламирање во замена за бесплатен билет, а според последните податоци такви лица има вкупно шест.
Самата промоција и идеја ја поддржа австриската министерка за клима, Леоне Гевеслер, која присуствуваше на фестивалот каде што носеше лажна тетоважа. Гледано од перспектива на политички ПР, срамота е, бидејќи кога министерката веќе ја промовираше идејата, можеше и самата да се истетовира. Реакциите на иницијативата, како што се очекуваше, завршија поделени – некои сметаа дека е одлична идеја за подигнување на свеста, додека други сметаа дека е претерано да се нудат такви „бенефиции“.
Инаку, KlimaTicket првпат беше воведен пред две години, со цел да се промовираат возовите како одржлив начин на движење низ земјата.