„Вомбат, кога ќе поминеш покрај мене, ти ветувам дека нема да те ловам со мојот селфи стап или да ти се доближам на твоите младенчиња. Нема да те опкружувам, да те вознемирувам или да се обидам да те фатам и да се сликам со тебе“ пишува на заклетвата на островот Марија во Тасманија, која беше релевантна пред неколку години затоа што туристите им пречеа слатките дебели вомбати – животни од семејството торбари.
Неодоливите животни не се единствениот куриозитет на најмалата сојузна држава во Австралија, која приближно го дели бројот на квадратни метри со Ирска. Само во Тасманија живее „ѓаволот“ чиј лик на многумина им е познат од популарниот цртан филм – најголемиот месојаден торбар е голем колку помало куче, силен и крупен. Со оглед на ноќниот биоритам, црното крзно, смрдеата што ја испушта кога се плаши, силниот загриз и вознемирувачки гласниот крик што го испушта и алчноста кога се работи за плен и мрша, јасно е од каде доаѓа неговото име – тасманискиот ѓавол.
Тасманија е дом и на најстариот жив растителен вид во светот (Lomatia tasmanica), а таму расте и највисокото цветно растение (Eucalyptus regnans). Кога сме веќе кај рекордите, прошетката покрај највисоките морски карпи на јужната хемисфера секако не се заборава. На 300 метри над бурниот океан, драматичните карпи нудат поглед за паметење.
УНЕСКО има заштитено дури 40 отсто од островот, а со оглед на прекрасните национални паркови и природни резервати, јасно е зошто. Блескави водопади, базени со карпи од песочник, недопрени плажи, густи шуми, длабоки пештери ја сочинуваат сложувалката на овој возбудлив регион.
Тасманија, која многумина ја нарекуваат жив музеј, ја должи својата лудо интересна колекција на растенија и животни на еволуцијата во изолација. Откако се одвоила од Австралија пред околу 12.000 години, природата го направила своето и ја направила Тасманија „луна парк“ на фасцинантни суштества.
Дружење во природа
Рај за сурфери, голфери и планинари, Тасманија е многу дарежлива за љубопитните кои избираат да ја истражуваат. Исто така, љубителите на планинскиот велосипедизам имаат многу адреналински надолнини таму. Од Вајлд Мерси на северозапад до Блу дерби на североисток, Мајден на југ и Силвер Сити на запад, Тасманија има многу места за возбудливи возења. Ако преферирате весла, можете да го запознаете театралниот брег. Круг по планинските езера или проба на термалните извори во пештерите Хестинг, недалеку од Хобарт, се други работи на списокот на активности кои заслужуваат да се направат.
Чинии и чаши
Јадливите подароци на Тасманското Море и океанот, плодните градини и лозја во комбинација со одличните готвачи никогаш не оставаат никого гладен. Со мала помош од сонцето, но и обилните врнежи во Тасманија, ќе најдете сè: од вино до виски, шафран до тартуфи, премиум говедско месо и старо сирење до миризливи школки. Покрај природата и храната, пофалбите на Тасманија одат и кај гостопримливите домаќини, а дали е навистина така, најдобро е да се уверите сами.