Мирен зафаќа околу 10,5 квадратни километри на Бернските Алпи во Швајцарија. Тоа е живописен град со прекрасен поглед на околината и три планини – Ајгер, Менч и Јунгфрау.
Иако се наоѓа во подножјето на планинскиот врв Шилторн на надморска височина од 1.638 метри, до него е забрането да се стигнува со автомобил. Во Мирен е забрането возење со лични возила, па така четиристотините жители на овој планински рај и нивните гости одат насекаде – пеш или со велосипед.
На располагање ви е и жичарница која води од правец на Лаутербрунен и Стечелберг до кои најчесто се стигнува со воз. Доколку сепак имате намера да го посетите овој дел од Швајцарија со вашето лимено милениче, ќе мора да го паркирате на споменатите места (и да платите за тоа!) пред да го продолжите патувањето до Мирен.
Во потоплиот дел од годината, бегство од летните горештини се бара во Мирен, а во текот на зимата има скијање на околу 52 километри скијачки патеки во областа. Затоа, не е чудно што градот е популарен меѓу туристите во текот на целата година, ниту што може да се најдат голем број хотели на релативно мало место.
Во градот ќе најдете и центар со голем базен и други спортски објекти кои ќе ги воодушеват љубителите на активните одмори.
Згора на тоа, Мирен е популарен и меѓу љубителите на серијалот филмови 007. Многу обожаватели на Џејмс Бонд застануваат пред да одат со жичарницата до врвот на Шилторн до ресторанот Пиз Глорија на 2.970 метри надморска височина, каде што бил сниман филмот On Her Majesty’s Secret Service во 1969 година.
Покрај спектакуларните глетки, овде ве очекува и барот Џејмс Бонд, каде што можете да го пробате легендарното мартини кое e протресено, а не мешано.