
Се сеќавате кога сите мислеа дека пандемијата целосно ќе го промени туризмот? Како гужвите никогаш нема да бидат како порано? Да, тие денови одамна ги нема. Масовниот туризам се врати и се чини е посилен од кога било. Но, некои од најпопуларните светски туристички дестинации возвраќаат, или со воведување зголемени туристички такси или со ограничување на бројот на дозволени посетители. Некои едноставно им кажуваат на туристите да го намалат бројот на пристигнувања. Ова се само дел од дестинациите на кои треба да се намали бројот на туристи.
Бали
Индонезискиот остров Бали е уште една популарна дестинација која размислува за мерки за справување со недоличното однесување на посетителите. Природната убавина на таканаречената Земја на боговите долго време привлекува туристи, но оваа нирвана од вулкани и шуми, исто така, се здоби со не баш најдобра репутација за разврат и прекумерност. Исто така, индонезиската влада разговара за воведување туристичка такса бидејќи сака да премине од квантитет кон квалитет кога станува збор за бројот на посетители. Секако, имајќи предвид дека пред пандемијата 60 отсто од приходот на Бали беше туризам, се што ќе се направи е многу внимателно испланирано…

Барселона
Каталонската престолнина има сè: модернистички ремек-дела, огромна плажа, целоноќни забави и сета храна, култура и сонце што би можеле да ги посакате од одмор. Но, исто така е полна со туристи до врвот. Во 2022 година, градот презеде чекори за ограничување на бројот на посетители, намалување на големината на туристичките групи и воведување ограничувања за бучавата, меѓу другите мерки. Градоначалникот изјави дека туризмот е голем предизвик во Барселона и дека ќе се обиде дополнително да го ограничи бројот на гости за да обезбеди подобар квалитет на живот на локалното население во густо населениот град.

Санторини
Блескавите бели згради на Санторини се една од најживописните глетки на Грција. Грчкиот остров привлекува повеќе од два милиони посетители годишно, што само по себе е значителна бројка, но која станува огромна ако се земе предвид населението на островот од околу десет илјади во текот на годината. Овие бројки се неодржливи, но како да ги поправите кога туризмот сочинува толку голем дел од економијата? Островот почна да воведува ограничувања во 2019 година, кога бројот на патници на крстарење беше ограничен на осум илјади (на ден, да биде јасно).

Мачу Пикчу
Не е сосема точно да се каже дека Мачу Пикчу во Перу не сака туристи, но секако има ограничувања за да може местото да „дише“. Посетителите на Мачу Пикчу можат да влезат само во едно од двете назначени времиња, а времето поминато таму е ограничено на четири часа (шест ако пешачат). Бројот на посетители се зголеми за неверојатни 700 проценти од 1980 година до денес, со непроценлива еколошка и културна штета предизвикана само од пешачење.

Тајланд
Југоисточна Азија одамна е синоним за „патување со ранци“ односно backpacking, а Тајланд е епицентарот на овој феномен. Оддалечувањето на Тајланд од масовниот туризам започна во 2017 година, кога новата маркетинг стратегија се фокусираше на искуствата над парите. Оттогаш, чамците се забранети од заливот Маја во обид да се врати природата. Земјата исто така се грижи за различен тип на посетители. Во 2022 година, бројот на посетители на Тајланд беше 11,5 милиони, а дали нешто се менува на овој план ќе покаже иднината.
