Среќата е едно од најубавите чувства, но секој ја доживува на поинаков начин, а има и такви што веруваат дека вистинската среќа не е можно да се постигне. Токму на темата среќа, вистински и лажни насмевки, како и други филозофски прашања се занимава Музејот на среќата отворен во данската престолнина Копенхаген.
Музејот на среќата е отворен во подрумот на зграда од 18 век, лоцирана во стариот дел на градот, а зад овој проект стои Меик Викинг, автор на неколку меѓународни бестселери што се занимаваат со темата среќа, пишува „Лоунли планет“.
Целта на овој музеј е да покаже како се појавува и прикажува среќата во различни аспекти од нашите животи, а тоа е постигнато преку осум простории што ја обработуваат темата од различни агли. Идејата е среќата да се отелотвори и посетителите да се потсетат на важноста на нештата и настаните што ги прават среќни и внесуваат радост во нивниот свет. Сите тие се важни мотиватори што прават луѓето да се чувствуваат добро.
Со оглед на тоа дека музејот е интерактивен, посетителите може да учествуваат во експериментална терапија со светлина и разни експерименти поврзани со мислите.
На средината на една од собите, на подот има паричник полн со пари, што ги симболизира сите оние ситуации во кои некој изгубил паричник на улица, но потоа некој друг го пронашол и му го вратил.
Постои и дел со мапа на среќата што го покажува нивото на среќа во 153 земји во светот според годинешниот извештај, каде што Данска е на второто место. Честото високо место во овој извештај е исто така една од причините зошто Викинг ја смета Данска за идеално место за ваков музеј.
Покрај сите споменати делови, музејот има и делови посветени на науката за среќа, нејзината историја, како и анализа и предвидувања за иднината. Една од најсимпатичните области се занимава со насмевки, а во неа посетителите може да научат која страна од лицето на познатата Мона Лиза всушност се насмевнува.